Постапка за добивање минимална гарантирана помош за домаќинства без приходи!

За добивање минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост ќе се утврдува од приходите на членовите на домаќинството од последниот месец, наместо досегашните три месеци согласно новата Уредба со законска сила. Износот на правото зависи од бројноста и структурата на домаќинството и се движи од 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство од 5 возрасни членови. Додека домаќинствата кои веќе користат гарантирана минимална помош ќе остварат и паричен додаток од 1.000 денари.

Под поимот „домаќинство“ се подразбиро едночлено домаќинство или заедница на членови на семејството, како и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички живеат, придонесуваат, стопанисуваат и трошат.

За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последниот месец пред поднесувањето на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантирана минимална помош.

Барањето за добивање гарантирана минимална помош се поднесува до надлежениот центар за социјална работа. Покрај барањето се поднесува и копија од важечка лична карта и се пополнува изјава за употреба на личните податоци на барателот со цел прибавување на останатите документи по службена должност.

Повеќе во однос на потребната документација за остваруввање на правото, образецот на барањето и слично може да се види во „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош, утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определување на носителот на правото, образецот на барањето и потребната документација“ кој може да се најде на сајтот на Министерството за труд и социјална политика.