Експропријација претставува, одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други (чл.1 од Закон за експропријација). Постапката за експропријација е единствената двострана контрадикторна управна постапка, во која странките се рамноправни.Тоа е постапка за која мора да се одржи јавна усна расправа и на која како учесници во постапката мора да се присутни сопственикот на недвижноста од една страна и неговиот противник-предлагачот на експропријација од друга страна.

Јавен интерес од локално значење се утврдува заради (чл.7 од Закон за експропријација):
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита,
– градење на далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 10 КВ,
– градење на трамвајски пруги,
– градење на објекти за противпожарна заштита,
– градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи,
– градење на катни гаражи и
– градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.

Со експропријацијата за реализација на јавен интерес од локално значење, престанува правото на сопственост на физички и правни лица (приватна сопственост), а се заснова право на сопственост на единиците на локална самоуправа и градот Скопје (општинска сопственост) (чл.9 ст.2 од Закон за експропријација).

За експроприраната недвижност припаѓа праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста (чл.18 ст.1 од Закон за експропријација). Пазарната вредност на недвижноста се утврдува под услови и начин утврдени со Закон за експропријација, според методологија, правила и стандарди согласно со Законот за процена (чл.18 ст.2 од Закон за експропријација). Правото да се бара надоместок за експроприрана недвижност не застарува (чл.18 ст.3 од Закон за експропријација).

Пазарната вредност на експроприраните недвижности и на недвижностите што се даваат како надоместок, ја утврдува овластен проценувач согласно со Законот за процена, како и од страна на Бирото за судски вештачења (чл.37 од Закон за експропријација).

Сопственикот на недвижноста што се експроприра има право на надоместок и за насадите, посевите, шумите на земјиштето и плодовите, доколку не влегле во пазарната цена на земјиштето (чл.39 од Закон за експропријација).

Предлагачот на експропријацијата е должен на сопственикот на недвижноста што се експроприра кој во експроприраниот објект живее, односно врши дејност, ако тој тоа го бара, да му даде во замена друг соодветен по вредност објект (чл.42 од Закон за експропријација).