Закон за јавна чистота

Одржувањето на јавната чистота е процес кој е битен заради обезбедување на здрава и чиста животна средина. Секое физичко и правно лице е должно да се грижи за одржувањето на јавната чистота.

Заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини е забрането (чл.14 од Закон за јавна чистота):
–  фрлање и оставање на хартија, опушоци, мастики, амбалажи,  земја,  отпадоци  од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена,
– оставање на стари предмети од домаќинство и смет од вршење на дејности покрај садовите за собирање на смет, освен на места определени од општината,
– оставање на фекални остатоци од домашни миленици и мртви животни, живина и птици во садови за отпад,освен за места определени за таа намена,
– колење на кокошки и друга живина и животни,
– испуштање на отпадни води и други течности од дворните места и објекти,
– истурање  или испуштање на течности во садови за отпад, на улици, во канали, реки и езера,
– сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично,освен за места определени за таа намена,
– оставање на запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки,
– чување и напасување на крупен добиток и живина,
– продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи,освен за места определени за таа намена,
– поставување на урбана опрема и други подвижни и неподвижни предмети,
– мешање на бетон, малтер, освен на места што ќе ги определи општината,
– растурање на сметот од вреќи, контејнери и други видови садови за собирање смет,
– фрлање, односно оставање на смет до контејнер и други видови на садови за собирање на смет,
– фрлање смет од кој било кат од станбена зграда или куќа, во двор,
– поставување на контејнери и други видови садови за собирање смет надвор од определени места за нивно поставување, согласно со нивната намена,
– плукање или секнење нос на јавни површини,
– лепење на плакати на кое било јавно место освен за места определени за таа намена и
– вршење на физиолошки потреби.

Доколку се поставува спортивно на одредбите за одржување на јавна чистота, предвидена е глоба од 50 евра која се изрекува во мандатна постапка  на физичко лице (чл.33 од Закон за јавна чистота). Кога општинскиот комунален инспектор, комуналниот инспектор на општините во градот Скопје, комуналниот инспектор на град Скопје, односно униформираниот полициски службеник и комуналниот редар ќе утврдат дека е сторен прекршок , на сторителот ќе му врачи покана за плаќање на глобата во рок од осум дена од денот на врачувањето на поканата или во рок од 30 дена место глоба сторителот да изврши определени работи – општокорисна работа(чл.40 ст.2 од Закон за јавна чистота). Доколку сторителот на прекршокот на кој му е врачен мандатен платен налог прифати да врши општокорисна работа, е должен во рок од три дена по извршувањето да достави потврда за извршената општокорисна работа до инспекторот, односно униформираниот полициски службеник или комуналниот редар што го упатил на општокорисна работа (чл.40 ст.3 од Закон за јавна чистота).