Закон за градежно земјиште

Што е градежно земјиште

Градежно земјиште е земјиштето кое е планирано со урбанистички план, урбанистичко планска документација, урбанистичко проектна документација, општ акт или проект за инфраструктура (чл.2 од Закон за градежно земјиште). Градежно земјиште е изградено и неизградено земјиште, планирано со актите предвидени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (чл.4 од Закон за градежно земјиште). На градежно земјиште можат да се стекнат право на сопственост и други стварни права. На правото на сопственост на градежното земјиште и на другите стварни права се применуваат прописите за сопственост и другите стварни права, за договорен залог, за облигационите односи, за запишување на правата на недвижностите и други прописи (чл.5 од Закон за градежно земјиште).

Сопственост на ГЗ

Градежното земјиште може да биде во сопственост на РМ, во сопственост на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во сопственост на, јавните претпријатија, акционерските друштва и други субјекти основани од Владата на РМ и Собранието на РМ и во сопственост на домашни и странски физички и правни лица, под услови утврдени со закон (чл.7 од Закон за градежно земјиште).

Постапка за отуѓување и давање под долготраен и краткотраен закуп на ГЗ

Постапките за отуѓување и давање под долготраен и краткотраен закуп на градежно земјиште и за засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште сопственост на РМ, во име на РМ ги водат општините, општините на градот Скопје и градот Скопје, секоја на своето подрачје утврдено со закон (чл.46 ст.1 од Закон за градежно земјиште). Градот Скопје ги води овие постапки доколку градежното земјиште е на подрачје на две или повеќе општини во градот Скопје или доколку тоа е од интерес на градот Скопје, интерес утврден со Законот за градот Скопје (чл.46 ст.2 од Закон за градежно земјиште).

Постапката се спроведува по пат на електронско јавно наддавање, согласно Законот за градежно земјиште, со претходно дадена објава од страна на Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање во (чл.47 ст.1 од Закон за градежно земјиште):

– два дневни весници кои се издаваат на македонски јазик, а излегуваат најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата,

– еден дневен весник кој се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик во општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје се наоѓа градежното земјиште предмет на објавата, а излегува најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата и

– во “Службен весник на Република Македонија”.

Јавно наддавање постапка

Учеството на јавното наддавање заинтересираните правни и физички лица го потврдуваат со пополнување на пријава за учество на јавно наддавање по електронски пат во која се наведени податоците за која градежна парцела се однесува пријавата и за подносителот на пријавата (чл.57 ст.1 од Закон за градежно земјиште). Доколку предмет на објавата се повеќе градежни парцели, а учесникот е заинтересиран за повеќе од една градежна парцела, се пополнува поединечна пријава за секоја градежна парцела, за што се доставува и посебна банкарска гаранција за сериозност на понудата (чл.57 ст.2 од Закон за градежно земјиште).

Постапката за јавно наддавање ја спроведува комисија за спроведување на постапките за јавно наддавање формирана од градоначалникот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје (чл.58 ст.1 од Закон за градежно земјиште).

Комисијата ги известува подносителите на пријавите за комплетираноста на истите по електронски пат, во рок од 24 часа по истекување на рокот за поднесување на истите, при што на подносителите на пријавите кои доставиле комплетна документација им доставува и корисничко име и лозинка за учество на јавното наддавање, а на подносителите на пријавите кои не доставиле комплетна документација им доставува известување со образложение дека истите нема да учествуваат на јавното наддавање (чл.59 ст.3 од Закон за градежно земјиште).

Јавното наддавање започнува со објавување на почетната цена на земјиштето кое е предмет на објавата по метар квадратен, а се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците во наддавањето (чл.61 ст.1 од Закон за градежно земјиште).

Јавно наддавање не може да трае пократко од 15 минути. Јавното наддавање се смета за завршено во моментот на истекот на времето определено во објавата, при што доколку во истекот на последните две минути од определеното време за траење на јавното наддавање, од страна на учесниците е дадена понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема нова дадена понуда (чл.61 ст.3 од Закон за градежно земјиште).

За најповолен понудувач по метар квадратен се смета учесникот на јавното наддавање кој понудил последна цена по метар квадратен, која претставува највисока цена за отуѓување на градежното земјиште, односно највисока цена за едногодишна закупнина на градежното земјиште доколку истото се дава под закуп (чл.62 ст.1 од Закон за градежно земјиште).

Договорите за давање на градежното земјиште кое е сопственост на РМ под краткотраен или долготраен закуп во име на РМ ги склучува градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градот Скопје, во рок од 5 работни дена по доставување на доказ за извршена уплата (чл.63 ст.1 од Закон за градежно земјиште).

Средствата кои се добиваат од закупнината на градежното земјиште кое е во сопственост на РМ се уплатуваат на посебна сметка во рамките на трезорската сметка. Приходите од овие средства се распределуваат во сооднос 20% за РМ и 80% за општините и општините во градот Скопје, во зависност од местоположбата на градежното земјиште кое е предмет на давање под закуп (чл.18 ст.2 од Закон за градежно земјиште). Средствата од закупнината кои се распределуваат меѓу општините од подрачјето на градот Скопје и градот Скопје се распределуваат во соодност 50% за општината на подрачјето на градот Скопје и 50% за градот Скопје (чл.18 ст.3 од Закон за градежно земјиште).

Непосредна спогодба

Градежното земјиште сопственост на Република Македонија може да се даде под краткотраен закуп со непосредна спогодба, по поднесено барање до надлежната општина и тоа на сопствениците на угостителски објект пред кои е предвидено плажа, како и на правни и физички лица за потребите за формирање на градилиште (чл.80 ст.2 од Закон за градежно земјиште).

Кога градежното земјиште сопственост на Република Македонија се дава под краткотраен закуп со непосредна спогодба, кон барањето се поднесуваат следниве докази (чл.83 ст.1 од Закон за градежно земјиште):
– извод од урбанистички план или урбанистичка планска документација,
– урбанистичко техничка документација за уредување на плажа, односно проект за подготвителни работи за организирање на градилиште, кој до денот на поднесувањето не е постар од 6 месеци,
– геодетски елаборат за нумерички податоци изработен врз основа на урбанистичко-техничката документација, односно проект за подготвителни работи,
– имотен лист со запишано право на сопственост на угостителскиот објект пред плажа, кој до денот на поднесувањето не е постар од 30 дена, односно извод од урбанистичка планска документација и доказ за правото на градење за објектот за кој се врши организација на градилиште, кои до денот на поднесувањето не се постари од 6 месеци,
– имотен лист за градежното земјиште сопственост на Република Македонија, кој до денот на поднесувањето не е постар од 30 дена,
– уверение за историски преглед на извршените запишувања во Агенцијата за катастар на недвижностите за предметното градежно земјиште сопственост на Република Македонија за периодот од кога е востановен катастар на земјиште во катастарската општина, со идентификација на катастарска парцела и катастарска општина, кое до денот на поднесувањето не е постаро од 6 месеци и
– доказ за регистрација доколку подносителот на барањето е правно лице, односно фотокопија од лична карта или патна исправа ако подносител на барањето е физичко лице.